
Ученички поздрав од Гостивар за турската офанзива во Сирија- Министерството го осуди настанот, а инспекторатот ќе истражува
Откако учениците на гостиварското училиште Кемал Ататурк заедно со наставниците се построија и со војнички рапорт ја поздравија турската офанизва во Сирија против Курдските борци, реагираше и Министерството за образование и наука која го осуди раководството на училиштето и ги потсети дека е забранета политика во образованието.
-Министерството за образование и наука ги осудува активностите кои биле организирани во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар и во кои учествувале ученици, а преку кои била испратена политичка порака за поддршка на воени акции на одредена држава. Тоа е апсолутно неприфатливо и секако надлежниот инспекциски орган, односно Државниот просветен инспекторат соодветно ќе постапи и одлучи согласно констатираното за време на надзорот, стои во соопштението на Министерството за образование и наука.
Од министерството ги повикаа раководствата на училиштата, „вклучително и на ОУ „М. К. Ататурк“ да се воздружуваат и да спречуваат организирање на било какви активности кои имаат политичка позадина и испраќаат политичка порака.“
-Само така ќе ги заштитиме децата и ќе им овозможиме нормален воспитно – образовен процес кој има најголема улога во нивното оформување и реализирање како личности, стои во соопштението.
Фотографијата на која се гледа ученичкиот војнички поздрав е објавена на фејсбук, а не е дел од редовни активности на училиштето туку е фотографирана специјално кога учениците биле изнесени надвор.

Одобрувањето на воени акции во Гостивар го осуди и Хелсиншкиот комитет и бара казни за надлежните во училиштето. Директорот на „Кемал Ататурк“ кој го дозволил фотографирањето е назначен пред три месеци, а од општина Гостивар велат дека новиот директор е поставен од Министерството бидејќи се одземени ингеренциите на локалната власт.
Во офанзивата на турската армија во Сирија која започна минатата недела има загинато повеќе од сто луѓе, а меѓу жртвите покрај турски и курдски војници има и десетици цивили, жени и деца кои се на возраст како децата кои во Гостивар ја поздравуваат суровата воена операција.
Миомир Серафиновиќ