Целодневни консултации во владата по негативната одлука од Брисел

Интензивни консултации се одвиваа цел ден во владата на повеќе нивоа, по негативната одлука од Европскиот совет, а консултации утрово имало и во партиското раководство на СДСМ. Ниту од владата, ниту од владеачката партија досега нема информација кои ќе бидат нивните идни чекори по одложувањето на стартот на преговорите со ЕУ. Неофицијално се дознава дека на маса би ставена и оставка на премиерот, но без детали дали и кава одлука е донесена за тоа.

Инаку, досега не е најавено официјално обраќање на премиерот по повод епилогот за Македонија од Самитот на ЕУ.

Од владата дури попладнево издадоа штуро соопштение за консултациите. 

Претседателот на Владата во текот на денот спроведува интензивни  консултации на различни нивоа, имајќи ги предвид заклучоците донесени на Европскиот совет… Низ текот на консултациите, одлуките се носат исклучиво согласно највисоките интереси на државата и на граѓаните“,

се наведува во соопштението од Владата.

Од таму информираат дека премиерот Заев остварил комуникација и со првите луѓе на владите на Германија, Шведска, Бугарија, Словенија, Малта и со други европски лидери, вклучително и со еврокомесарот Хан, од кои добил јасна порака со поддршка, да се продолжи по патот на реформите и интеграциите.

Земјата и граѓаните беа целосно подготвени за почеток на преговорите, но неколку земји на ЕУ не беа подготвени за тоа,

се наведува во соопштението од Владата.

Утрово и во седиштетот на СДСМ се оддржаа косултации на различни ниво, но и од таму нема информации за идните чекори на партијата по негативната одлука од Брисел.

До јавноста по одлуката на ЕУ денеска се огласија шефот на дипломатијата Димитров и вицепремиерот за европски прашања, Османи. Димитров во пораката им се обраќа на европските лидери на кои им вели дека му должат на регионот да бидат директни и и да му соопштата ако повеќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан и ако не важи ветувањето од Самитот во Солун во 2003 година, додека пораката на Османи е насочена кон домашната јавност. Тој вели дека одлуката во Брисел нема да ја оддалечи земјата од европските вредности и од реформите. Османи притоа е убеден дека, не само во Македонија, туку и во целиот регион, од денеска кредибилтетот на ЕУ е нарушен.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ