Граѓаните се организираат во борба против загадувањето

Незадоволни од резултатите на власта во борбата со загадувањето, граѓани се организирале и преку проект ги откриле најголемите загадувачи во Скопје. Велат, тоа не се само оние кои вршат диви палења на различен отпад.

  • Покрај нели дивите палења, зборуваме за мали објекти од сендвичари па натаму.  Сите оние кои наизглед се мали, но не значи дека не учествуваат во загадувањето, вели Наташа Амдиу од Здружението на граѓани „ Зелен институт“.

Очекуваме поголема достапност до телефонските броеви на инспекторите, но и поголем ангажман на граѓанството во пријавување на случаите со загадување, велат од здружението „ Зелен институт“. Од инспекторатот на Град Скопје објаснуваат дека со 3 инспектори за животна среда и со 8 комунални инспектори, кои на терен во две смени излегуваат со 6 возила, не можат многу да сторат. Од таму се пожалија дека вчера нивна екипа била нападната на депонијата Вардариште.

  • Вчера мислам дека имавме на Вардариште вербален напад што можеше да прерасне во физички напад. Повлечени се комуналните редари, повикана е полиција и пожарно возило. Во тој предел секојдневно се случуваат палења, вели Мирослав Богдановски, раководител на Инспекторат на Град Скопје

Слично поминал и член на Советот на Општина Карпош од партијата ДОМ, кој во рамките на проектот разговарал со правни субјекти кои важат за загадувачи . Наидов на разбирање во 80% од случаите, вели тој.

  • На 20% од случаите јас бев исфрлен затоа што не сакаа воопшто да ме сослушаат луѓето. Тоа говори дека треба да се работи уште многу повеќе со правните луца и со граѓанството, рече Александар Анѓушев, член на Советот на Општина Карпош од партијата ДОМ.

Од 2018 година наваму, во  4 скопски општини биле изречени 20 казни за загадување, стои во анализата на проектот кој „ Зелениот институт “, го реализирал, во соработка со Инспекторатот на Град Скопје и со подршка на Министерството за животна средина. Повеќе казни допрва ќе се изрекуваат откако ќе стапи на сила новиот Правилник со прецизни гранични вредности на загадување, за кој се чека потпис од Секретаријатот за законодавство. Активиран е дрон, а во следниот период ќе се вклучи и термална камера, за ноќни снимања . Во борбата со загадувањето се очекува и вмрежување и координација со општинските инспекторати, дополнуваат од Инспекторатот на Град Скопје.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ