По прераспределувањата раководителите се плашат од откази

Раководители на седум центри за вработување, кои со одлука на Агенцијата за вработување се разместени на исто ниво во други општини, обвинуваат дека врз нив се врши притисок и мобинг, со цел да се откажат од раководните функции.  Раководителот на центарот во Охрид Јован Батковски, неодамна е преместен во Ресен, а тамошниот негов колега во Охрид, со исто решение: „Унапредување на работата, внатрешна организација и рационално користење на човечките ресурси“.

Наташа Ѓорѓеска Анчов од Крушево била прераспоредена во Македонски Брод на оддалеченост поголема од 50 километри од местото на живеење, поради што решението било поништено од Агенцијата за администрација, по што таа со ново решение е прераспоредена во Демир Хисар. Смета дека тоа е направено со цел да се откаже од работата.

Разместувања на раководители по хоризонтала има и во центрите во Демир Хисар, Кичево, Неготино, Кавадарци и Гевгелија. Тие заедно со колегите од Охрид, Крушево и Демир Хисар ги обжалиле решенијата на вд директорката на АВРМ Билјана Јовановска и покренале соодветни постапки пред судoт и Агенцијата за администрација.

АД АВРМ информираат дека преместувањето на раководителите во седумте општински центри е во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор и имаат за цел унапредување на работата на Агенцијата, а особено на центрите за вработување.

Шест од овие решенија беа потврдени од второстепениот орган – Агенција за администрација, како основани и законити, а само едно решение беше поништено поради надминување на оддалеченоста од 50 километри помеѓу претходното и новото работно место. Во секој случај, со овие распоредувања не се врши никаков мобинг врз вработените, туку истите имаат за цел подобрување на функционирањето на центрите за вработување во рамките на расположливите човечки капацитети на АВРМ.

Прераспоредените раководители најавуваат дека случајот ќе го туркаат до крај и очекуваат брза институционална разрешница.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ