
Османи: И на Унијата и е потребна реформа
„Денес 27 земји – членки побараа јасно и недвосмислено Република Северна Македонија да добие нов импулс во европските интеграции за да продолжи на патот на реформите, за што сме им особено благодарни. Но денешниот Совет на ЕУ покажа дека и на Унијата и е потребна реформа. Една земја, чие клучно барање е да се напушти принципот на консензус при одлучувањето, денес го искористи ова право за да не дозволи заокружена одлука за старт на преговорите“ напиша на ФБ вице премиерот за евроинтеграции Бујар Османи.
- Јас немам дилеми дека Европскиот кредибилитет не само во земјава, туку и во целиот регион од денес е нарушен. И тоа е нормална, логична и природна последица кога една Унија изградена на принципи ќе го наруши основниот принцип и нема да го одржи сопствениот збор. Но тоа не смее да нѐ оддалечи од европските вредности. Ние сме дел од Европа, и денешната неправда не смее да нѐ оддалечи од нашите напори да продолжиме со имплементацијата на реформи, да продолжиме во изградбата на добрососедските односи, да продолжиме да го негуваме соживотот и мултикултурното општество – едноставно, да продолжиме во изградбата на европска Република Северна Македонија, пишува на ФБ Османи.