
Делчев останува нерешено прашање за македонско-бугарската комисија
Постигнат е мал напредок во разговорите на македонските и бугарските историчари и тоа само во делот на средновековната историја, додека ставовите по однос делото на Гоце Делчев остануваат дијаметрално спротивставени. Тоа е оценката од дводневната осма средба на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања на Република Северна Македонија и Република Бугарија што се одржа во Охрид.
– По однос разговорите посветени на Гоце Делчев не успеавме да постигнеме напредок во однос на претходната седница, изјави претседателот на македонска група во комисијата, директорот на Институтот за национална историја, професорот Драги Ѓорѓиев.
Бугарскиот претставник со цврст став дека прашањето по однос Гоце Делчев бара јасен и недвосмислен одговор, односно дека одговорот на тоа прашање го дал самиот Делчев.
– Ние не тврдиме дека Делчев е Бугарин, тоа тој самиот го тврди. Ние само ги следиме фактите и ја гледаме документацијата во која не само тој туку и неговото семејство, најблиските негови соработници јасно и декларативно го декларираат неговиот идентитет, рече Димитров.
На новинарското прашање како може Делчев да се бори за независна Македонија, а не за бугарска територија во овој дел, Димитров рече дека тоа е неточен став, притоа истакнувајќи го бугарскиот историографски став по прашањето дека Делчев се борел за автономија, во време кога дури ниту Бугарија не била независна држава.