Анкета на Евротинк: Висока поддршка за ЕУ, но намален оптимизам за брзо членство

Речиси половина од граѓаните во земјава очекуваат Европскиот совет да даде зелено светло за преговорите, а малку повеќе од половина очекуваат таа да стане полноправна членка за 10 години од денес, што пак е намалување од 12 проценти од очекувањата што за тоа ги имале пролетва. Ова го покажа анкетата на Евротинк, спроведена од 27 септември до 14 октомври на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници, од страна на М – Проспект. Она што не претрпело промена е високата поддршка на граѓаните за членство во Унијата – утре да има референдум, 65,9 проценти би гласале „за“.

„Намалени се очекувањата за брз влез. Доколку 60-на проценти од граѓаните пред шест – седум месеци верувале  дека во наредните 20 години ќе се случи влезот, ќе се случи членството на Македонија во ЕУ, што е индикатор за голем оптимизам, зголмени очекувања и т.н. сега во шест месеци имаме намалување на овој процент за 10-на проценти“, изјави Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк.

Ваквата промена на очекувањата според Љупчо Петковски е и добро бидејќи големите очекувања водат кон големи разочарувања.

„Можеби добрата работа од сите овие драми што се случиваат е тоа што граѓаните ги приземјуваат своите очекувања и тие очекувања се во согласност со реалноста“, изјави Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк.

Анкетата покажува и голема разлика во поддршката за ЕУ по партиска и етничка линија. Кај Албанците е околу 90 проценти додека кај Македонците е 30-на проценти помала. За Петковски, разликата се должи на големиот антагонизам меѓу партиите во македонскиот блок. Поддршката кај приврзаниците на СДСМ за ЕУ е 70 проценти, додека кај ВМРО-ДПМНЕ 35,9.

Интересна е разликата од околу 20% во полза на оние кои сметаат дека земјава треба да стане членка и оние кои мислат дека Македонија е подготвена за членство.

Петковски смета дека евентуален негативен исход од Европскот совет не би бил добар за Македонија.

„Мислам дека легитимитетот на власта ќе се намали, ќе почне да се размислува за избори, за пресретнувања на негативните последици од таа работа. Така што мислам дека не би било добро“, рече Љупчо Петковски, извршен директор на Евротинк.

Анкетата покажала и промена на ставот на граѓаните кои држави ни се пријатели, а кои не. Од 31 процент граѓани кои сметаат дека некоја држава ни е закана, најголем негативен скок направила Бугарија, неа од 0,5 проценти пред шест месеци, како закана сега ја сметаат дури 23 проценти. Најпријателски се сметаат САД и Германија со по 10 проценти поддршка од граѓаните.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ