
Димитров има разбирање за барањето на Франција
Министерот за надворешни, Никола Димитров има разбирање за барањето на Франција да се воведе нова методологија на преговори со Европската унија за идните членки, а која би важела за Македонија. Тој зборуваше пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, во клучната недела кога европските земји одлучуваат дали Македонија ќе добие датум за почеток на преговори.
„Ја разбираме и поддржуваме француската иницијатива за преиспитување и реформа на самиот процес на прием на членки. Сметаме дека тоа е значаен темел на политиката на проширување и граѓаните од регионот нема ништо да изгубат докулку процесот на прошување е со поголема проверка и голем кредибилитет. Ако е повеќе фокусиран на промените на терен немаме што да добиеме ако Советот во петок ни рече вие сте подготвени да ни се приклучпите во понеделник. Ќе бидеме истата земја“, истакна Никола Димитров министер за надворешни работи.
Димитров од Комитетот, каде се обраќа прв пат по европските избори, ги повика земјите-членки да одобрат отворање преговори, бидејќи, како што кажа земјата тоа го заслужува.
Пораките доаѓаат во време кога Финска, која во моментов претседава со Европската унија, нуди компромис за француското противење.
Предлогот на финското претседателство е Македонија сега да ја добие одлуката за почеток на преговорите, а во која е задоволено барањето на Франција за промена на методологијата на преговорите.
Првата меѓувладина конференција би се одржала најдоцна во првата половина од 2020-та година, а со новата методологија, на која инсистира Франција, се предвидува реверзибилен процес , односно доколку земјата назадува во преговорите, повторно да се врати на поглавјето во кое не е остварен очекуваниот напредок.
За овој предлог на финското претседателство вечерва во Луксембург ќе расправаат амбасадорите на земјите-членки на Унијата, во обид да се усогласат околу даумот за преговори за Македонија. Ситуацијата со Албанија е посложена, а ставот на Франција околу предлогот на финското претседателство е неизвесен.
Франција го смета сегашниот начин на преговарање за премногу технички, и бара преговорите во иднина да бидат постепени, поконкретни во придобивките за државите за кои се однесуваат и реверзибилни, во зависност од спроведувањето на реформите.
Ако вечерва амбасадорите не се договорат околу датумот за Македонија, прашањето ќе се решава во Советот на министри, утре во Луксембург, а ако и таму нема согласност ќе решаваат шефовите на држави и влади на Самитот што почнува во четврток во Брисел.
За сега никој овде во Брисел не се осмелува да прогнозира што би се случило ако Македонија не добие датум за почеток на преговори. И дали земјата ќе оди во пакет со Албанија, или пак, двете земји ќе бидат раздвоени на патот кон Европската унија.
Од Брисел за Телма, Марија Дивитарова