Обвинетите во „Транспортер“ бараат тонско и визуелно снимање на судењето

Во Кривичниот суд денеска се одржува рочиште за предметот „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство, во кој првообвинет е поранешниот битолскиот градоначалник Владимир Талески и уште 20 лица.

Обвинетите побараа од Судот визуелно и тонско снимање на судењето и доказите да ги добијат во писмена форма, иако претходно ги добиле електронски. Адвокатите го бараат и це-дето со прислушуваните разговори, бидејќи без него не би била возможна одбраната.

Обвинителот од СЈО Трајче Пеливанов рече дека обвинението е покренато во април 2017 година и оти досега никој од обвинетите не побарал доказите да им бидат дадени во писмена форма.

– Првпат се бара снимање на судењата само за предметите на СЈО, изјави Пеливанов.

Претходно, судијката Лидија Петровска го одобри барањето на обвинетите судењето да не биде снимано од новинарските екипи.

Во обвинението за предметот „Транспортер“, кое го застапува СЈО, се наведени докази за незаконски организиран автобуски превоз за ученици, со кој биле злоупотребени 360.000 евра пари од општинската каса.

Судот досега забрани снимање од новинарските екипи во судницата и на судењето за предметот „Траекторија“ во кој се обвинети Никола Груевски,  Владимир Пешевски, Миле Јанакиески и Љупчо Георгиевски, како и за предметот „Тотал“ во кој е обвинет Драган Павловиќ-Латас.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ