
Им нарачал сендвичи на затворските чувари па им избегал од комбето
Расфрланите сендвичи по тротоарот потврдуваат дека во Автокоманда се одвивала бизарна затворска драма која заврши со успешно бегство на затвореник.
Околу 11 часот, затворското комбе кое од Клиничкиот центар се движело кон затворот Идризово застанало на патот кај познатите шоферски плескавици. Внатре имало двајца затвореници, затвореничка која се враќала од болница, двајца чувари и една жена чувар.
Чуварите излегле надвор да купат сендвичи, а им барал за себе и затвореникот Фидан Исени. Чуварите купиле и ја отвориле задната врата на комбето, но Исени чекал подготвен- ги клоцнал двајцата чувари и избегал во правец на бензинската пумпа на Макпетрол.
Луѓето почнале да викаат, но Исени веќе исчезнал. Останатите двајца затвореници се вратиле во затворот, а случајот е пријавен во полиција откако преку радио врска е алармирано во Идризово.
“Двајца затворски чувари пишуваат изјава и ќе бидат суспендирани поради невниманието. Скршнато е од рутата и возилото било застанато што е спротивно на процедурите. Надлежните се известени. Истрагата за бегството е во тек” – изјави директорот на КПУ Идризово, Боби Мојсоски.
Се уште нема потврда со какво возило избегал Исени и дали станува збор за организирано бегство бидејќи некој знаел и дека затвореникот ќе оди на преглед во Клиника и комбето ќе застане по храна.
Исени им е стар „познаник“ на затворските власти, бил повратник во Идризово и сега издржувал казна затвор од 7 години и 7 месеци за повеќе дела.
Казната му истекува во декември 2025-та, а во Идризово е последните 17 месеци. Бил осуден за криумчарење мигранти, насилство, предизвикување општа опасност, напад на службено лице, обид за убиство, како и учество во затворскиот бунт во Идризово 2010-та.
На фотографијата Исени е со еден од неговите цимери во затворското крило, озлогласениот Алмир Дрпљанин, осуден за убиство на полицаецот кај ПМФ и уште неколку напади.
Миомир Серафиновиќ