
Претседателот ја чека листата за амбасадори од владата – дотогаш 22 амбасади ќе останат празни
Претседателот Пендаровски се уште го чека списокот од владата со предлог имињата за пополнување на упразнетите амбасадорски места. Иако по неговот стапување на функцијата беше најавено дека оваа процедура ќе се забрза и конечно ќе се пополнат упразнетите амбасади, шест месеци потоа македонската дипломатија продолжува да функционира без амбасадори во дури дваесет и две амбасади низ светот и четири постојани мисии, од вкупно 57.
Меѓу нив околу една година упразнето е амбасадорското место во САД, сратешкиот партнер на земјава, но и во Мисијата во НАТО иако земјава очекува до крајот на година, најдоцна до пролет да стане нејзина полноправна членка. Упразнети се и амбасадите во речиси сите соседни земји, освен Бугарија, поточно немаме амбасадор во Србија, Грција, Албанија, Косово, но и во Хрватска и во Црна Гора. Нема амбасадор ниту во Белгија, Холандија, Италија, Русија, Кина, Австралија. Некои од амбасадорските места се празни дури од 2016 година
„Процесот за избор на амбасадори во дипломатско-конзуларните претставништва е во тек. Кабинетот на претседателот е во постојани консултации со Владата и со ресорното Министерство за надворешни работи. Досега не е доставен список за предлози за идни амбасадори од страна на Владата“, информираат од Кабинетот на претседателот за Телма.
Иако се очекуваше по преземањето на Стево Пендаровски на претседателската функција полесно и побрзо да се одвива кохабитацијата меѓу владата и претседателот околу именувањето на амбасадорите, тоа засега е сведено на изразот „процедурата е во тек“.
„По стапувањето на должност на претседателот Пендаровски, започна процесот на усогласување на кандидати за нови амбасадори. Динамиката на дијалогот ја условуваат повеќе фактори, но постапката е започната и ќе го следи востановениот законски ред и дипломатската пракса“, информираат за Телма од МНР.
Засега ниту една од засегнатите институции не кажува каде е заглавен списокот со амбасадорите.
Пред неколку дена министерката за одбрана информираше дека во тек се консултациите со претседателот и оти до самитот на НАТО во Лондон ќе биде назначен амбасадор во Алијансата, но и воен претставник. Од Кабинетото на Пендаровски пак за Телма информираат дека приоритет ќе имаат соседните змеји и сратешките партнери.
Амбасадорот Љупчо Арсовски е на став дека во малку земји се случува тоа што и се случува на македонската дипломатија. Според него другите дипломатии ја градат кадровската политика врз искуство, знаење, поради што немаат проблеми со именување на први луѓе во дипломатските мисии.
„Ние имаме една хибридна ситуација каде што порано беше повеќе од МНР а помалку од јавен, културен, бизнис сектор и сега е обратно – треба помалку од МНР повеќе од таму и тогаш се испреплетуваат интереси на различни страни во државата. Во едната страна интереси внатре кој е позначаен, кој има повеќе заслуги во самата партија. И мислам дека тоа не оди на добро“, вели Љупчо Арсовски, претседател на Советот на амбасадори.
Арсовски е уверен дека упразнетите места во амбасадите, државите домаќини не го толкуваат како однос на земјава кон нив, бидејќи нивните амбасади ја следат и опсервираат ситуацијата кај нас, туку го гледаат тоа како еден систем. Сепак тој не ја исклучува можноста некоја од змејите да се чуствува наврдено поради ваквиот однос.
Проблемот кој се јавува пак за земјава е од сосема друга природа.
„Во даден момент не можете третиот секретар да ви биде решение за многу работи за земјата. Не може да биде трет секретар и да му пишува дека е в.д. амбасадор. Нема да стигне до претседателот, премеирот, до министрите, ќе го примат понуски ешалони, пониски нивоа. И нема да биде тоа што треба да биде“, вели Љупчо Арсовски, претседател на Советот на амбасадори.
Последното пополнување на упразнетите амбасади се случи во февруари годинава со упатување на десет амбасадори, сите дипломати од кариера.
Тамара Грнчароска