
Непочитување на денешниот празник во Тетово
Во Тетово институциите и на денешниот празник покажаа непочитување. Низ градот имаше само делумно поставени знамиња а Општина Тетово не организираше никаков настан по повод 11 октомври.
Ваква е атмосферата во Тетово на еден од најголемите државни празници 11 октомври. Само неколките поставени знамиња на булеварот Маршал Тито наговестуваат дека е празник.
И годинава овој светол ден општината го заборави. Пред споменикот на револуцијата во центарот на Тетово, наместо институциите Сојузот на борци пак се појави како организатор на скромното одбележување, каде со положување на цвеќе интонирање на македонската химна и едноминутни молчење им се оддаде почит на загинатите борци.
Од Сојузот на борци, сметаат дека во праксата на општината да ги игнорира државните празници големо влијание има партијата која е на власт на локално ниво.
И дел од граѓаните негодуваат на ваквиот однос кон историските датуми.
Како и на секој празник така и на денешниот продавниците, рестораните, кафулињата трговски центри и повеќе погони за производство работат со полн капацитет.
Според Законот за државни празници за било која фирма да работи на државен празник треба претходно да извади одобрение за прекувремена работа, која не треба на годишно ниво да надминува повеќе од 190 часа, но во Тетово очигледно и овој закон не важи
Вицепремиерот Бујар Османи по извршената контрола околу применувањето на законот за јазици во Скопје, најави дека на 11 октомври ќе го посети и Тетово каде сам ќе види колку се почитуваат законите во овој град. Но оваа посета тој ја откажа порада денешната средба во Италија со италијанскиот сенат во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ наредната недела.
Зоран Димовски