
Да се зголеми старосната граница за пензионирање, порачува ММФ
Да се зголеми старосната граница за пензионирање во земјава, во согласност со праксата во државите на Европакста унија, препорачува Меѓународниот монетарен фонд, како една од мерките за реформи и спас на пензискиот систем. Сега прагот за заминување во пензија е 62 години за жени и 64 за мажи, но има и можност за доброволно продолжување. Се советува и пресудна за раст на пензиите да биде стапката на инфлација, а не растот на платите, но и да се затворат бројните законски дупки за предвремено пензионирање. Шефицата на Мисијата на ММФ за земјава, Џасмин Рахман, смета дека македонскиот пензиски систем сега е повеликодушен од други земји.
„Пензискиот дефицит е многу висок, сега е 4,5 отсто од БДП, но ако вака продолжи тој ќе стигне до 10,5 отсто, затоа нешто мора да се направи за тој да биде одржлив“, вели Џасмин Рахман, шефица на Мисијата на ММФ за Македонија.
Еден од проблемите на земјава е и иселувањето на млади и квалификувани кадри, за да се задржат дома треба да се работи на создавање нови работни места и поправедна бизнис средина.
Заменик директорот на ММФ, Тао Џанг, беше јасен дека клучни се реформи во управувањето и правото за мала земја како Македонија, која заедно со Западен Балкан, иако го подобрила животниот стандард, се уште заостанува во однос на развиените држави. Мора да зајакнат институциите и да се инвестира во инфраструктурата.
„Македонија ја надмина политичката криза, но треба да работи на реформи во судството и справување со корупцијата, така ќе ја врати довербата“, вели Тао Џанф, заменик директор на ММФ.
Џанг и Рахман беа гости на денешната меѓународна конференција, чии домаќин беше Народна банка на Македонија, а се дебатираше за клучните предизвици на светската економија, меѓу кои, како што посочи и гувернерот Димитар Богов, се ниската продуктивност и прекумерната задолженост.
Дилемите ги расчисти еден од клучните луѓе во Европакста централна банка, Беноа Куере, со силно влијание во светот на парите, тој беше дециден дека светот нема потреба од паника – глобалната економија нема да се соочи со нови шокови и криза како онаа во 2008, неодамнешниот пад на берзите беше само корекција на пазарите.
„Каматните стапки на ЕЦБ долгорочно ќе останат на исто ниво, дали другата година ќе се менуваат, не можеме да дискутираме за тоа, тоа ќе зависи од условите во Европа и во регионот“, рече Беноа Куере, член на Извршен одбор на ЕЦБ.
Денешната конференција на едно место собра над 200 стѕрански и домашни експерти, како и врвни претставници на централни банки и меѓународни финансиски институции.
Нина Нинеска-Фиданоска