Радев и Иванов иницираат стратешко партнерство

За прв пат откако Договорот за пријателство и соработка меѓу Македонија и Бугарија стапи во сила, химните на двете пријателски држави одекнаа во кругот на претседателската вила на Водно. Претседателите Румен Радев и Ѓорге Иванов разговарале за продлабочување на соработката и на безбедносен план. Македонскиот претседател иницирал Договор за стратешко партнерство, какво што веќе имаме потпишано со САД и со Турција.

„Вашата иницијатива за Договор за стратешко партнерство е многу важна. Ќе дискутирам за неа со Бугарската Влада и ќе ги преземам сите неопходни дејствија бидејќи тоа ќе значи многу поголема безбедност во регионот, од која сите имаме потреба“, кажа Румен Радев, Претседател на Република Бугарија.

Претседателот Радев потсети дека Договорот за пријателство, што го склучија владите на двете земји, ги отфрли сите стравувања и скептицизми. Бугарија останува силен поддржувач во европските и евро-атлантските интеграции на Македонија. Тој спомена дека Бугарија ја засегаат разговорите за решавање на спорот со името кои се  водат меѓу две суверени држави.

„За нас е важно идното име што ќе биде резултат на тие преговори, да не содржи географска одредница која е дел од територијата на Република Бугарија. Верувам дека ќе се најде разумно решение кое ќе биде во полза на сите страни“, кажа Румен Радев.

Двајцата претседатели сметаат дека прашањето за заедничкото минато и за чествување на празниците треба да им се препушти на академиите, комисиите и стручните лица. Радев го покани Иванов на шести мај, кога во Бугарија се празнува храброста, заедно да положат цвеќе на гробиштата во македонско Ново Село.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ