
Пендаровски: Исполнето е буквално се за да добиеме датум од ЕУ
Се е направено во контактите со француската администрација за да се пренесе дека земјава ги исполнила сите барања кои ЕУ и ги постави за добивање на датум, е одговорот на претседателот на државата Пендаровски за тоа дали ќе му се јави францускиот колега Макрон пред одлучувачкиот самит на ЕУ идната недела, со оглед дека се уште не познат ставот на Франција за старт на преговори со земјава.
Според Пендаровски земјава направила буквално се за да добие датум.
За сигналите од Холандија, која исто така се посочуваше како скептична земја за старт на преговори, рече дека одат во прилог на земјава.
За најавите пак од Софија за поставување услови за земјава во текот на преговарите со ЕУ, Пендаровски рече дека не контактирал со својот бугарски колега Румен Радев, кој беше иницијатор за условувањето од Бугарија. Пендаровски е сигурен дека Бугарија идната недела ќе даде зелено светло за старт на преговори со земјава, а за се она што ќе се случува потоа во преговорите рано е од сега да се коментира.
Според најавите од Софија, бугарската влада неделава би требало да ги донесе условите кои би ги поставила во преговарачката рамка на земјава со Унијата.
Европскиот совет идната недела треба да донесе одлука дали Македонија ќе ги почне преговорите за членство.
Тамара Грнчароска