
Синдикалците не се воодушевени од „историското зголемување“ на платите
Десет отсто зголемување на платите од први јануари а не од први април е можно прифатливо решение за претставниците на СОНК.
Денеска „историската покачување“ кое го понуди Владата беше разгледано од членовите на Советот на СОНК а на седницата присуствуваше и министерот за образование Адеми кој ги образложи причините зошто десет отсто а не дваесет и пет како што тие бараа и зошто токму од први април.
Министерот Адеми остана на истиот став од вчера. „Историското покачување“ на Владата е издржан предлог и тој треба да се прифати а средбата со синдикалците ја оцени како конструктива.
Меѓутоа членовите на Советот на СОНК не го делат истиот оптимизам со Адеми и не се воодушевени од најавеното „историското зголемување“ на платите
Според претседателот на СОНК, Јаким Неделков, минимумот кој може да го стори Владата е најавеното зголемување да почне од јануари а многу подобро би било Владата да издејствува поголемо зголемување од најавените десет отсто.
Она што е јасно е дека денеска членовите на Советот на СОНК нема да донесат одлука.
Тие допрва ќе го информираат членството и во зависност од одговорите на регионалните синдикални организации ќе се игради ставот дали понудата на Владата ќе биде прифатена или не.
Ставот како што повторно беше најавено ќе биде соопштен најдоцна на почетокот на идната недела.
Најавениот генерален штрајк ќе зависи од одлуката на членството и советот на СОНК.
Доколку понудата од 10 отсто не биде прифатена штрајкот би почнал наредниот месец.
Огнен Чанчаревиќ