
КОД: Парични глоби и едногодишни забрани за неколку адвокати и нотари што не ја пријавиле продажбата на Дијамед
Низ рацете на неколку адвокати и нотари поминале сите овие договори. Друштвата Поленак и ДДК – Дебарлиев, Дамевски, Келешовска, како и нотарката Анета Петровска биле застапници на Иванова, кои се грижеле за вршење на правните обврски и заштита на интересите на Вера Иванова и Дијамед.
Ниту еден од нив не пријавил дека 8 милиони евра ќе бидат префрлени на сметка на фирмата Смарт Холдинг во Монако за која Вера Иванова тврди дека е нејзина а 3.500 на нејзината лична сметка во банка во Скопје, открива КОД.
Според законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам од 2018 година адвокатите и нотарите се обврзани да ги пријават трансакциите на нивните клиенти во Управата за финансиско разузнавње. Но не го сториле тоа. Не пријавила и Гранд Тортон ревизорската куќа која вршела детална анализа на финансиската состојба на Метрополитен односно Дијамед.
По законот за спречување на перење пари поради молкот за адвокатите и нотарите следуваат прекршочни казни од 12 до 15 илјади евра и една година забрана за вршење на дејност, додека за ревизорската куќа законски казната е 80 илјади евра. Ревизорот извршил порамнување и платил помалку од половина од казна.
Но адвокатите и нотарите не ја прифаќаат казната и сега ја имаат обжалено на Управен суд, а за глобата треба конечно да одлучи граѓанскиот суд. КОД контактираше со адвокатските и нотарските канцеларии кои добиле казни, но адвокатите беа на службен пат надвор од државата, а нотарката на акционерско собрание на фирма.
Решенијата во македонскиот закон се земени од европското законодавство во јуни лани. Но строгите и високи казни за адвокатите може да предизвикуваат проблем во односот адвокат- клиент кој по Уставот и по сите правила треба да е заштитен и таен.
Прилогот е објавен во емисијата КОД на 06.10.2019.