(Видео) Мајк Помпео пристигна во Охрид

Со сите државни почести на охридскиот аеродром е дочекан американскиот државен секретар Мајк Помпео. Го пречека министерот за надворешни Никола Димитров, по што делегацијата се упати кон Охрид, каде Помпео ќе има одделни средби со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Зоран Заев.

Безбедноста во Охрид е на највисоко ниво, низ градот патролираат униформирани и неуниформирани полициски службеници. преземени се сите вонредни мерки на безбедност, а централниот дел од градот е затворен за сообрачај. Училиштата имаа настава до 10.30 часот, а и администрацијата ќе има скратено работно време, бидејќи според најавите Помпео ќе има прошетка низ градот во 16.30, по што ќе ја посети црквата „Света Богородица Перивлепта“, што беше реновирана и конзервирана со средства обезбедени преку УСАИД.

Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и на Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и во ЕУ, истакнуваат од Стејт департментот. Велат дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратегиски важен дел од идејата за обединета Европа и затоа државниот секретар Помпео ја комбинира повеќедневната официјална посета на регионот „за реафирмација на сојузништвото со 29-та (Црна Гора) и 30-та (Северна Македонија) членка на НАТО“.

Разговорите ќе се фокусираат и на безбедноста и можностите за економски развој на земјата. Една од темите ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.

Претседателот Стево Пендаровски посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео ја оцени како враќање на голема врата на САД во регионот.

Помпео, кој е 70-ти американски државен секретар, посетата на регионот ја започна од Ватикан, од каде што замина за Црна Гора, а по посетата на нашата земја заминува за Грција.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ