
Дивоградбите во заштитената зона на охридскиот брег ќе се рушат ако студијата за влијание врз средината го покаже тоа
Нема да се уриваат сите дивоградби во строго заштитената прва зона на Охридскиот брег.
Од владата велат дека со новиот План за управување со природното и културното наследство на охридскиот регион, ќе се уриваат само оние дивоградби кои допрва ќе бидат негативно оценети според Студијата за влијание врз природното наследство, што допрва треба да ја прави Министерството за транспорт и врски.
“Кој од овие веќе изградени објекти во оваа строго заштитена зона ќе останат, ќе зависи од Студијата за оцена на културното наследство и животната средина што ќе ја спроведува Министерството за транспорт и врски, на база на инвентарите, односно регистрите за бесправно изградени објекти од општинитe –изјави државниот секретар во министерството за животна средина, Ана Петровска.
И министерот Сугарески, денеска од Охрид каде беа избројани вкупно 1076 дивоградби, а 409 само во заштитениот појас, порача дека во јавноста се крева непотребна фама околу препораките на УНЕСКО за уривање на сите бесправно градени објекти и дека во градот веќе се постапува по оваа препорака.
Но, за разлика од Охрид и Дебарца, допрва треба да се изготви регистар на дивоградби во Струга, чиј градоначалник неодамна изјави дека таму нема дивоградби.
“Очекуваме до крајот на месецот да ги добиеме информациите и од општина Струга”-изјави Едмонд Адеми.
Колку од дивоградбите во Охрид веќе се урнати, не знаеше да каже ни градоначалникот Константин Георгиевски.
Причина е, како што рече, престојот во Париз , на отчетот што го даде во УНЕСКО, од каде му рекле дека ќе дојдат на крајот од ноември за да проверат како се спроведуваат нивните препораки. Ќе им се најде решение на дивоградбите, децидно одговори охридскиот градоначлник.
А за изготвување и итно усвојување на Законот за управување со Охридскиот регион, кој според невладините е клучен за заштитата на природното и културното наследство, од Владата, објаснија дека ќе се носи по стапувањето на сила на Планот за управување.
Тој од утре па во следните 60 дена ќе биде на јавно разгледување. А, ќе се формира и мешовита македонско- албанска комисија на УНЕСКО, со седиште во Охрид, за управување со природното и културното наследство.
Сотир Трајков