Радев: Решението за името не треба да влијае врз интересите на трите држави

Спорот околу името треба да биде решен во полза на трите држави, Македонија, Грција и Бугарија, порача денеска бугарскиот претседател Румен Радев. Тој во интервју за агенцијата БГНЕС, изјави дека за таа цел бугарските власти ќе бидат во контакт со македонските.

„Бугарија секогаш се стремеше да и помага на Република Македонија и дел од таа помош е ние да не бидеме пречка, да не го оптоваруваме овој спор, кој треба да се реши меѓу Македонија и Грција. Во тој поглед, може да се смета на нас. Но јас верувам дека овој спор ќе биде решен на таков начин што нема да влијае на интересите на ниту една од овие три држави. За нас тоа значи во името да нема географски одредници кои содржат делови од територијата на Бугарија. Затоа ќе бидеме во контакт со македонските власти за да се најде решение на најдобар можен начин“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

Радев кој утре доаѓа во посета на Македонија во интервјуто како многу позитивен момент го оценува Договор за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

„Ние веќе покажеме и ова е исклучително важно што самите можеме да ги решиме проблемите. Покажавме дека, покрај заедничкото минато, можеме да имаме и заедничка иднина. Прашањето е како да се материјализираат сите овие клучни точки во Договорот за добрососедство“, изјави Румен Радев, претседател на Бугарија.

Радев во земјава доаѓа со двајца митрополити, за кои самиот рече дека се влијателни во Бугарската православна црква – пловдивскиот митрополит Николај и старозагорскиот митрополит Кипријан. Радев со тоа ќе биде прв претставник на бугарската држава која при посета на Македонија во делегација вклучил и двајца претставници на црквата. Притоа вели дека тој упатил покана до БПЦ да биде дел од посетата, но за прашањето дали БПЦ ќе прифати да биде црква –мајка на МПЦ-ОА вели дека е во ресорот на црковната дипломатија и прашање по кое ќе одлучат двете цркви.

„Но јас силно верувам дека претставниците на свештенството и на МПЦ и на БПЦ ја сфаќаат својата одговорнсот и мудро ќе дејствуваат“, рече Румен Радев, претседател на Бугарија.

Посетата на двајцата бугарски митрополити се толкува како особено значајно, ако се знае дека  старозагорскиот митрополит Кипријан е претседател на Синодската архиерејска комисија за преговори со македонската православна црква. Оваа комисија беше формирана веднаш откако синодот на Бугaрската православна црква одлучи да го разгледа барањето да биде црква мајка на МПЦ-ОА.

Од Македонската православна црква доаѓањето на двајцата митрополити се смета за добар знак и придвижување на работите, но со став дека од неа не треба да се очекува голем исчекор.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ