Половина институции со тројазични табли

Ова е таблата што означува дека тука се наоѓа Институтот за акредитација. Поради тоа што таблата е само на македонски јазик, институцијата може да биде казнета со 4 до 5 илјади евра, а нејзиниот директор со илјада 200 до илјада и 500 евра.

Тоа нема да се случи бидејќи се уште не се изрекуваат казни за непочитување на Законот за јазиците, а во Собранието трае второто читање на Законот за инспекторатот.

Институтот е само една од стотици институции кои не го испочитувале законот и не ги смениле таблите до 15-ти септември, кога истече законскиот рок. Агенцијата за примена на јазикот што го говорат најмалку 20 одсто од граѓаните спроведува истражување како се применува законот.

Агенцијата не е инспекторат. Пред се настојува да потсети на законот и да понуди помош во преведувањето на називот, логото или печатот на институциите, објаснува Села.

Од Владата бараат овластување или формирање посебна комисија за издавање лиценци за превод. Очекуваат и средства за печатење на Брошурата за јазичните права на граѓаните на Северна Македонија, која од денеска е достапна во електронска форма на три јазика.

Минатата недела, директорот Села и министерот Бујар Османи, спроведоа мини проверка на титуларите на институциите низ Скопје.

Османи на фејсбук објави снимка од акцијата, како и од телефонските опомени до некои директори.

На забелешките дека не е овластен инспектор, одговори дека само го промовирал законот за јазици.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ