Бундестагот дава датум, но бара јасни рокови и цели во преговорите на ЕУ со земјава

Германскиот Бундестаг вечерва треба да ја потврди одлуката на Германија дека земјава ги исполнува условите да добие датум за старт на преговори со ЕУ.

Но со зеленото светло за земјава, Бундестагот ќе побара дополнителни гаранции и услови во преговарачката рамка за земјава за спроведување и имплементација на реформите, како и Германија да го задржи правото да дава забелешки за текот на преговорите на Македонија со ЕУ.

Германските владеачки партии ЦДУ/ЦСУ и на СПД кои пред два дена се согласија да го поддржат предлогот на германската влада Европскиот Совет во октомври да даде датум за земјава, истовремено до Бундестагот доставија документ за Северна Македонија.

Со него се бара јасно да биде поставено дека земјава мора да продолжи со сериозни дополнителни напори да ги исполнува кретириумите, особено во делот на владеењето на правото, фундаменталните права, ефикасност на СЈО и со нова оргазнизациска поставеност, борба против корупцијата и организираниот криминал, но и јакнење на институциите и обезбедување на човековите права.

Владеачките партии во Германија притоа бараат Европската комисија освен редовните годишни извештаи да информира дополнително за текот на реформите во Македонија, особено во делот на Поглавјата 23 и 24 – правосудство и фундаментални права и слободи, кои треба да се отвораат први и да се затворат последни.

За овие Поглавја германската влада треба да побара од Комисијата акциски план со јасни рокови и цели за спроведување од страна на земјава, без чие исполнување нема да смеат да се отовараат други поглавја во преговорите со земјава.

„Германската влада треба да осигура дека рамката на преговорите обезбедува постојаност на реформскиот курс и пред се имплементација на усвоените реформи во Северна Македонија. Отворањето и затворањето на Поглавјата мора да зависат од овие критериуми“

Германскиот Бундестаг бара и да се осигура дека во преговорите за пристапување во фокус ќе бидат функционални демократски институции, реформа на јавната администрација, економски развој и конкурентност, добрососедски односи и регионална соработка, слобода на медиумите, правата на загрозените групи и малцинствата, како и живо граѓанско општество.

Исто така мора да се обезбеди дека земјава ги исполнува политичките и економските критериуми и да нема пристапување по автоматизам т.е. да нема датум за пристапување пред затворање на преговорите.

Исто така се бара земјава при пристапувањето да мора да ги усвои сите европски закони без нивно „разводнување“.

Во документот владеачките партии до Бундестагот се бара статусот на преговорите за пристапување на земјава да не биде оценуван само од Европската комисија, туку и редовно од германската влада, вклучително и нејзините дипломатски мисии.

Гласањето во германскиот Бундестаг е закажано за 19.30 часот на кое треба да присуствува и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ