Речиси две години нема државен ревизор

            Блокада му се заканува на Државниот завод за ревизија. Мандатот на државниот ревизор истече во декември 2017-та. Оттогаш со институцијата што се смета за чувар на јавните пари раководи заменикот Насер Адеми, а на 4-ти октомври истекува и неговиот мандат. Доколку Собранието не избере нов ревизор, нема кој да ги потпишува ревизорските извештаи, годишните програми за работа, ниту пак платите за вработените.

            Речиси две години Собранието не може да ја заврши постапката за избор. На конкурсот, објавен уште на 26-ти декември 2017-та, се пријавија 12 кандидати. Изборот на еден од нив во Собраниската комисија за избори и именувања никако да заврши, иако е почнат минатото лето. И денешното продолжение на седницата беше одложено. Претседателот на Комисијата Илија Димовски им даде уште два дена на координаторите на пратеничките групи за да  усогласат прифатливо решение.

Втората причина за одложувањето на денешната седница беше барањето на Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ за нивно вклучување во распределбата на местата во собраниските тела.

            Утврдувањето предлог за прв човек во Државниот завод за ревизија е најитното прашање што Комисијата ќе се обиде да го реши на седница в петок, по што, изборот се врши на пленарна седница. Задутре ќе се бараат кадровски решенија уште за десетина други институции, кои со месеци ги чекаат одлуките на пратениците. Меѓу нив: Агенцијата за медиуми, Советот на МРТВ, Дирекцијата за лични податоци, Второстепената комисија за управна постапка, Агенцијата за информации од јавен карактер и други.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ