Заев и Мицотакис на прва средба во Њујорк

За неполни два часа во Њујорк треба да се одржи првата средба на македонскиот и новиот грчки премиер, Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис. Средбата е предвидено да трае најмногу 30 минути на која, според грчките медиуми, тие ќе се разговараат за евроинтегративните процеси на земјава.

Несомнено е дека Заев и Мицотакис ќе разговараат за релациите меѓу двете земји, како и за имплементацијата на Договорот од Преспа. Мицотакис кој беше силен критичар за Преспанскиот договор додека беше во опозицијата и во предизборниот период, нарекувајќи го штетен за Грција, како премиер кажа дека Договорот не може да биде поништен, но оти неговата влада ќе се бори за ублажување на последиците од него.

Мицотакис пред две недели испрати порака дека Договор е ратификуван од грчкиот Парламент, а според тоа не може да се менува произволно.

Самиот договор не предвидува процеси на промени, туку само контрола на спроведувањето. Бидете апсолутно сигурни дека ќе бидеме многу строги во однос на спроведувањето на договорот, кој го сметаме за лош, но го најдовме пред нас, го наследивме“, рече Мицотакис одговарајќи на новинарското прашање.

Дека сепак некои процеси во односите меѓу двете земји по Договорот од Преспа се неповратни го потврдува и Договорот за соработка во делот на одбраната меѓу двете земји потпишана пред шест месеци од страна на министрите за одбрана, но и потпишување на техничкиот аранжман со кој Грција ќе го штити македонското небо во рамки на воздушната политика на НАТО за заедничко небо. Потпишувањето пред два дена го најави началникот на генералштабот на грчката армија, а за кој Телма дознава дека ќе се случи многу скоро. За Грција овој аранжман е од национален интерес, бидејќи во спротивно без него ќе се отвори простор небото над Македонија да го штити Турција или Бугарија.

Она што владата на Мицотакис најави дека ќе се фокусира во контекст на Договорот од Преспа е во делот на употребата на терминот „Македонија“ кај трговските марки за кои двете земји имаат рок од три години да се договорат. Можност за подобрување на Договорот од Преспа за грчката страна Мицоткаис гледа во претстојните евроинтегративни процеси на земјава, поточно во можноста за употреба на вето од страна на Грција во текот на преговорите на Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ