Нова рунда обвинувања за законот за ЈО

Откако вчера насмеано ги информираа новинарите дека, по само 15-минути работа, ја прекинуваат работната средба за законот за јавно обвинителство, партиите денеска повторно со меѓусебни обвинувања. Кој кого не разбрал како што треба, а кој штити нечиј криминал? ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека министерката дошла на средбата со сосема нов предлог -закон, поразличен од тој што е веќе во собраниска процедура и дека не бил таков договорот на лидерската средба.

Од партијата бараат преговорите да продолжат таму кај што застанале на лидерската средба пред две недели. Ја обвинуваат Дескоска дека, со новиот предлог купува време за да се заташкаат актуелните афери на владата. Одговорот од министерката, дали и што точно предложила, се уште го очекуваме.

Од СДСМ, пак, обвинија дека, ВМРО-ДПМНЕ се тие кои се обидуваат да го заташкаат својот криминал. Побараа да се најдат сили и да се продолжат преговорите.

Преговорите за законот за јавно обвинителство траат веќе седум месеци. Првин запнаа кај опстојувањето на СЈО и бомбите, па откако тоа се реши, ова обвинителство престана да постои,а бомбите ги презема Републичкото обвинителство,  сега не можат да се договорат за формирањето на нова институција и кој ќе раководи со неа. И покрај честите средби, клучните разлики остануваат, а постојано се појавуваат и нови.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ