
Политичкиот дијалог продолжува утре
Шестмесечниот дијалог за новиот текст на Законот за обвинителство се уште не дава конкретни резултати. По двонеделна пауза, за утре е закажан нов термин за средба на работните групи. Во двете партии има оптимизам дека се блиску до договор, но се скептични околу мотивите и намерите на политичкиот противник.
Во СДСМ не ги отфрлаат целосно последните предлози на ВМРО ДПМНЕ за посебно одделение на Обвинителството за висока корупција, шеф по предлог на опозицијата и отвореност кон професорската фела. Нивниот став е дека сите предлози треба да бидат разгледани во работните групи.
Во ВМРО ДПМНЕ се сомневаат дека СДСМ не брза со законот, откако Јавното обвинителство ги презеде предметите на СЈО. Велат дека нема да отстапат од заштита на човековите права и почитување на меѓународните документи.
Претседателот на Собранието Талат Џафери смета дека двете партии се уште не ги доближиле ставовите. Тој ќе закаже собраниска дебата дури откако ќе добие извештај од матичната Комисија за европски прашања, а таму беше прекината амандманската расправа за да им се овозможи усогласување на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ. Договорот меѓу нив го обезбедува неопходното двотретинско мнозинство, потсетува Џафери.
На лидерската средба во март годинава, Заев и Мицкоски се договорија решенијата за законот да се усогласуваат во работни групи. На лидерската пред две недели, констатираа дека договор нема. Обајцата се подготвени за нова средба, но дури откако работните групи целосно ќе ги доближат ставовите.
Соња Николовска