Повеќе на велосипеди за почисто Скопје

Просечните релации кои граѓаните на Скопје ги минуваат дневно за своите потреби се меѓу 2 и 3, 5 километри.

А, 86% од граѓаните сами се во возилата, вели градоначалникот Шилегов.

Тој нема прецизна статистика за % на намалувањето на загадувањето на воздухот со употреба на јавниот превоз, па се послужи со сликовит пример.

 “Еден автобус собира околу 100-тина луѓе. Сместете ги 100-тината луѓе во еден автобус, а зад тој автобус сместете 100 автомобили. Тогаш ќе можете и визуелно да ја видите разликата колку е загадувањето” – изјави Шилегов..

Шилегов очекува намалување на аерозагадувањето со престојните реформи во јавниот транспорт.

А во меѓувреме, градоначалникот кој го предводеше денешното велосипедско дефиле, во рамките на „ Европската недела на мобилност“, апелира на употреба на алтернативен транспорт, со кој, како што рече, се намалуваат загадувањето на воздухот во зимските месеци, потребата од повеќе паркиралишта и сообраќајниот метеж.

Според Парискиот договор, решавањето на транспортот е важен фактор за животната средина. Затоа е потребна алтернативна мобилност, велат од Министерството за животна средина.

 “Важна е таа мобилност да оди во насока на што е можно повеќе користење на јавниот транспорт, на алтернативните модели.  Сè со цел, да имаме помали емисии на загадувачки материи и да не придонесуваме значајно за климатските промени” – посочи државниот секретар во Министерството за животна средина, Ана Петровска.

И од делегацијата на ЕУ во земјава, го поздравија денешниот „ Ден без автомобили“ и рекоа дека Скопје е меѓу 3000 градови кои се вклучиле во акцијата.

 “Убаво е да се видат многу деца кои учествуваат во оваа активност, со цел да се подобри нашето здравје и да се подобри начинот на живеење во нашите градови” – посочи в.д шефот на делегацијата на ЕУ во РСМ, Џулијан Васало.

Дефилето, од паркот Ибни Пајко до Школка во Градски парк, заврши со лотарија, на која најсреќните 20 велосипедисти добија нови велосипеди и друга опрема.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ