Започна уривањето на дивоградбите во Охрид

Со отстранување на објект кој без дозвола се гради  на улицата „Марко Нестороски“ во Охрид, градежната инспекција ја почна нaјавената акција за уривање  на нелегалните градби.  

Станува збор за приватна куќа која на површина од 130 метри квадратни се градела   без одобрение и е во фаза на карабина.

Утрово   акцијата се одвиваше со асистенција на полицијата. Тоа е истиот објект каде пред десетина дена беа приведени неколку работници кои градеа и покрај забраната.

Општината најавува дека со акцијата ќе се отстрануваат дивоградби во сопственост на правни и физички лица.

Според предвиденото, во акцијата за уривање, паралелно ќе бидат отстранувани дивоизградени објекти кои што се во тек на израдба и оние дивоградби кои се опфатени со регистарот на дивоизгредени објекти, кои се изградени во периодот од 2006-та до 2019-та година. На почетокот, ќе се отстрануваат објекти кај кои не постојат правни пречки и акцијата за уривање ќе ги опфати сите физички или правни лица кои имаат добиено Решение за отстранување на бесправно изграден објект и истите не постапиле во согласност со издадените решенија од страна на градежните инспектори при Инспекторатот на општина Oхрид–соопштија од Општина Охрид.

Локалната властуште еднаш ги повика сопствениците сами да ги урнат дивоградбите, затоа што во  спротивно отстранувањето ќе го спроведе општината а трошоците ќе бидат на товар на сопствениците.

Акцијата се спроведува во согласност со  Акцискиот план за постапување по препораките од последниот состанок на Комитетот за заштита на светското културно наследство на УНЕСКО.

Инаку , инспекциските служби во Охрид констатираа над 1000 дивоградби, од кои 409 се лоцирани во заштитен појас.

Градежниот хаос  е една од причиите што го загрозува УНЕСКО  статусот на Охрид.

Локалната и централната власт имаат рок до февруари  за подобрување на состојбите, а УНЕСКО повторно ќе  се наврати на Охридскиот регион,  следното лето

Емилија Мисирлиевски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ