
Обвинение за Анѓела, девојката на убиениот Пино Секондо, Али Фуркан се уште во бегство
Обвинителството поднесе кривична пријава за Анѓела Ѓорѓиевска, девојката на убиениот Пино Секондо.
Ја товари за соучесник во убиството кое се случи на 11 ти декември лани. Според она што го пишува обвинителството, кобната вечер токму девојката го намамила Пино кај насипот во населбата Ѓорче Петров.
Кога Пино пристигнал, таму бил веќе дојден осомничениот за убиството, Али Фуркан кој со себе носел пушка. Фуркан го оставил своето возило Опел Аскона и со шкодата на Пино се упатиле преку обиколница до Арачиново.
Возел Али Фуркан, девојката седела на совозачкото место додека Пино на задното седиште. Во Арачиново застанале во нива и прво се карале по што започнала тепачка.
Во еден момент Фуркан со пушката го застрелал во главата Пино.
“Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе”. –тврди основното јавно обвинителство.
Анѓела Ѓорѓиевска веќе е во притвор, убиецот Али Фуркан е во бегство.
За Фуркан за сега нема обвинение бидејќи е недостапен за обвинителството. За анѓела пак е побарано да и се продолжи притворот бидејќи како што напишало обвинителството постои опасност да избега како што тоа го сторил и Фуркан, но и да ги сокрие, фалсификува или уништи трагите.
Инаку мајката на Пино Секондо, Маја Трпковска со месеци трагаше по својот син, а скелетот беше случајно пронајден на крајот на април годинава.
Се уште не се знае дали е пронајдено возилото на Пино кое би требало да помогне во расфетлување на случајот, но и пушката со која тој е убиен.
Сега кривичен ќе треба да го разгледа обвинението и доказите и доколку го прифати да закаже почеток на судењето.
Билјана Николовска