
Град Скопје очекува од ноември да дистрибуира топлинска енергија до граѓаните
На не цел месец до почетокот на грејната сезона, Град Скопје сеуште нема лиценца за дистрибуција на топлинската енергија. Градоначалникот вели дека не е негов пропуст што во изминатите 30 години ништо не е направено против аерозагадувањето во Скопје и дека тие за не цели две години ја подготвиле инфраструктурата за превземање на дистрибуцијата на топлинска енергија од „ БЕГ“. Шилегов очекува Регулаторната комисија за енергетика да им ја даде првата лиценца во ноември.
Утре на седница на Совет, од формален аспект ги довршуваме сите работи со што го доведуваме Град во состојба да поднесе барање за лиценца . Очекувајќи дека тоа ќе трае 60 дена, кажав дека првата лиценца ќе ја добиеме во месец ноември и согласно таа лиценца ќе можеме да ги превземеме обврските кои што ги имаме, порача Шилегов.
Покрај енормното загадување на воздухот во Скопје, Тетово и Битола, Гостивар е исто така град кој се судира со тој проблем, рекоа од невладиниот сектор. Според нив потребно е партнерски да се седне со државната и локалната власт и да се изготви долгорочна стратегија против аерозагадувањето зашто извори на загадување има повеќе.
Не е само секторот загревање или секторот сообраќај, кој исто така е проблематичен. Проблематична е и индустријата што добро го знаеме, градежништвото, загубата на зелените површини. Сето тоа е предмет на дискусија за што треба да се дискутира и за понатаму, рече Ана Чолаковиќ – Лешоска од „Еко Свест“ .
Најавената мерка за замена на печки на дрва со инвертори ќе значи замена на едното со другото, објасни заменик министерот за животна средина. Инвертори ќе добијат ранливите категории граѓани и оние што живеат во најзагадените подрачја. И со потпишување на договор, корисниците ќе се обврзат да ги користат инверторите. Во спротивно, ќе има санкции.
Со потпишувањето на договорот , тој ќе се обврзе дека ќе може да се направи контрола и да се провери дали го користи или не. Да не има некоја злоупотреба за која ќе има санкции, рече министерот Макрадули.
Замената на печки на дрва со инвертори ќе влезе во посебен Закон кој е во фаза на изработка , а дополнително ќе се утврдува и буџетот за субвенционирање на граѓаните, беше речено на Отворениот ден за предлози за изготвување на Програма против загадувањето за 2020.
Сотир Трајков