СЈО-Легло на непотизам и партиски вработувања?!

Обвинителот Гаврил Бубевски во СЈО си ги вработил братучедите Ефимија и Љупчо Чучурски. Ленче Ристоска си ја вработила братучетката Андријана Ристоска, Лиле Стефанова  вработила кумашинчето, Елизабета Јосифовска – ќерката и внукот. Ова е само дел од бројните имиња на блиски роднини на обвинителите, кои ВМРО ДПМНЕ денеска ги објавија како класични примери на непотизам. Тврдат и дека, Катица Јанева си ги вработила внукот од сестра и девојката на синот, како и  членот на СДСМ, Борче Боки Трајковски, кој претходно бил една година во затвор за измама.

На платниот список на СЈО е и Петре Бошков, зет за братучетка на министерката Рената Десковска, синот на врховната судијка, Лидија Неделкова, ќерката на директорот на затворот „Шутка“, Есад Рахиќ, ќерката на поранешниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, синот на обвинителката Мира Ангелеска, ќерката на членот на Советот на јавни обвинители, Коле Штериов.Ова обвинителство вдомило и роднини на судии, на кандидати за пратеници од СДСМ, на директори и советници од владејачката партија.

Поради овие сознанија, од ВМРО ДПМНЕ уште еднаш апелираа до пратеничките групи во Собранието да го поддржат предлогот за основање на Анкетна комисија и заедно да и дозволат на јавноста увид во досегашното работење на Специјалното јавно обвинителство и на Катица Јанева како шеф на оваа институција. Бараат и да се истражат наводите дека, покрај високите плати, обвинителите си делеле и дневници, награди и бонуси, како и на што ова обвинителство потрошило 15 милиони евра. Од владејачката партија вчера начелно го одбија барањето за анкетна комисија. За нив, тоа е уште еден обид на ВМРО ДПМНе да го скрие криминалот во своите редови.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ