Дане Илиев: Обвинителите од СЈО не треба да се враќаат во матичните обвинителства

Обвинителите од специјалното јавно обвинителство не треба да се враќаат во нивните матични обвинителства, туку нивната судбина треба да ја следи судбината на предметите.

Односно, со оглед на фактот што предметите ќе ги земе Јавниот обвинител на Македонија, заедно со предметите тој треба да ги земе и обвинителите од СЈО што нив ги водеа, смета поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев.

Тоа значи дека Советот на обвинители треба да ги именува во обвинители на државното обвинителство, и така ќе добијат овластувања да можат да ги застапуваат и да ги водат понатаму истрагите.

Според Илиев, ова е најбезболното решение кое целосно ќе ја гарантира иднината на предметите, тие ќе продолжат во онаа фаза во која се предадени. Се друго би било импровизација.

„Обвинителите нема да се враќаат во матичните обвинителства. Обвинителите ќе бидат именувани за обвинители во Државното јавно обвинителство, односно со предметите кои ги зема во надлежност јавниот обвинител на Македонија, тие ќе продолжат да работат по истите предмени како што работеле и досега“, вели Дане Илиев, поранеше претседател на Врховен суд.

Покрај обвинителите, државното јавно обвинителство треба да ги преземе и сите вработени, односно стручните служби и истражителите од специјалното, бидејќи станува збор за обемни предмети и јавниот обвинител треба да ја преземе целата контрола.

Доколку вака се постапи, Илиев не гледа пречки предметите да продолжат таму каде застанале во судските постапки.

„Тие имаат по закон овластувања и ќе бидат имениувани за обвинители во републичкото јавно обвинителство и со предметот кој го преземаат, ќе си одат во судница и нема никаков правен проблем, за судот е битно да има овластен застапник на обвинението. Ништо друго. Продолжува постапката таму каде што е застаната“, вели Дане Илиев.

Новинарот Бранко Героски, пак, во колумна напиша дека случаите треба да се „замрзнат“ сѐ до изнаоѓање правни решенија како да продолжат.

„Јас разбирам предметите да се земат, привремено да се „замрзнат“, сѐ до изнаоѓање на правни решенија како тие да продолжат, во новиот закон за Јавното обвинителство за кој се преговара. Но, да се продолжи „автоматски“ и „експресно“, едноставно, не бидува“, напиша Геровски.

Според него, изнесени се многу сериозни тврдења и аргументи за постоење непремостливи пречки, кои произлегуваат од нормите и правилата на водењето на кривичната постапка, за тој „автоматизам“ да биде легален“.

Откако вчера Собранието едногласно кажа „за“ разрешување на Јанева, Советот на јавни обвинители исто така едногласно ја потврди одлуката. Советот утре треба да ја продолжи седницата на која ќе се расправа за статусот на другите јавни обвинители во Специјалното обвинителство.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ