
Македонски планинар го загуби животот на Олимп
57 годишниот скопјанец М.Г, член на спортскиот планинарски клуб Шкупи од Скопје е планинарот кој вчеравечер го загуби животот на планината Олимп во Грција по пад во провалија.
Неговите пријатели тврдат дека нему претходно му се слошило, по што се стркалал во стрмната провалија.
Тој бил во група од 9 планинари од клубот „Шкупи“, кои за Грција тргнале вчера со намера да го искачат највисокиот врв Митикас.
Но, околу 20 часот се случила трагедијата во близина на планинарската куќа на Олимп, каде планинарите требало да ја поминат ноќта и утрово да го продолжат искачувањето кон врвот.
„Вчера дел од членовите на планинарскиот клуб Шкупи отпатуваа за Грција за да се искачат на планината Олимп. Околу 20 часот бевме на 50 метри од планинарската куќа и во еден момент нашиот член и другар застана, се наведна над планинанрските стапчиња и падна во бесознание, тркалајќи се 10 метри во провалијата. Истрчавме да дадеме прва помош, а за само 2 минути пристигнаа и спасувачите кои го дадоа својот максимум. Се обидоа да го реанимираат, но безуспешно” – напишаа на ФБ од СПК „Шкупи“ од Скопје.
Во пренесувањето на телото од местото на несреќата до планинaрскиот дом „Спилиос Агапитос“ што се наоѓа на надморска височина од 2100 метри интервенирале 14 пожарникари и припадници на специјалната спасувачка единица од Литохоро.
Останатите планинари го откажаа искачувањето, а утрово во Грција ги спроведуваа неопходните процедури околу починатиот.
Обдукцијата која ќе се изврши утре треба да покаже кои се причините за смртта на 57 годишниот планинар.
Олимп со врвот Митикас на 2918 метри надморска височина е провокација и предизвик за планинарите, а искусните планинарски водичи велат дека е опасна планина, со многу карпи и длабоки провалии.
На Олимп често има несреќи на планинарите, а последната беше во мај годинава, кога од повредите здобиени од пад во провалија загина 25 годишен бугарски алпинист.
Емилија Мисирлиевски