Власта предлага опозицијата да кандидира шеф на обвинителството

Нови предлози од власта до опозицијата во преговорите за законот за јавно обвинителство.

Премиерот Зоран Заев во интервју за телевизија Сител објави две идеи што им биле изложени на опозициските преговарачи.

Со првата се предвидува шефот на новото обвинителство што ќе биде надлежно за висока корупција да се избира на предлог на опозицјата и тоа да ги преземе сите предмети, вклучително и истрагата за Рекет и 27 април, но и сите обвинители и стручни служби од Специјалното јавно обвинителство.  

„Растеретени сме од било каква тежина или тегоба на нашите плеќи. Кој се огрешил од законот, треба да си одговара. Затоа и понудивме тие да предложат обвинител. Но, за да се случи тоа треба да се предложи сериозен обвинител и да се формира тим кој ќе формира предмети за сите случаи, вклучувајќи го и Рекет, но и предметите за 27 април. И сето тоа да се покрене и реши во период во кој тие предмети нема да застарат. Но, опозицијата го одби овој предлог, а должни се да кажат зошто го одбиваат“, вели премиерот Зоран Заев.

Сепак, според премиерот, тој обвинител мора да биде тешкаш и прифатлив и за власта.

„Предлогот Никола Груевски, Владимир Јован Илиевски или Марко Зврлевски секако не може да помине. Иднината на предметите се причината. Јас и власта се бориме да биде загарантирана нивната иднина од трансферот, по заокружувањето на СЈО тие предмети мора да имаат иднина, а Мицкоски и неговиот тим бараат предметите да бидат амнестирани, да се заташкаат, да се уништат“, вели Заев.

За опозицијата, пак, која овој предлог законски текст го добила и во писмена форма, е манипулативен, бидејќи иако декларативно премиерот нуди опозицијата да избере обвинител за висока корупција, така како што бил напишан, на крајот водел до тоа повторно да се избере владино подобен обвинител.

„Зошто, бидејќи опозицијата има право, од пријавените кандидати, еднаш да посочи кој е нејзин приоритет, но него власта има право да го собори преку владиното мнозинство, и потоа преку негативна селекција, 49 отсто од пријавените кандидати да бидат елиминирани, а останатите 60 отсто во кои може нда замислиме дека ќе доминираат обвинители блоиски до власта, да појдат до Советот на јавни обвинители каде власта има доминација и ќе изберат владино подобен обвинител. Сметаме дека ваквиот предлог на премиерот покажува дека тој не е подготвен да се избере обвинител кој е независен од владиното мнозинство да има увид во аферата Рекет и веројатно во други афери“, вели Антонио Милошоски, ВМРО-ДПМНЕ.

Вториот предлог од власта, пак, доколку опозицијата одбие да го преземе тимот од специјалното, вториот предлог е обвинителите од таму да се вратат од матичните обвинителства од каде што дошле, а јавниот обвинител Јовески да ги распореди предметите од СЈО.

Всушност, обезбедувањето иднина за овие предмети е црвената линија од која власта нема да отстапи во преговорите.

Опозицијата, пак, планира, по разрешувањето на Јанева, до власта да испрати контра предлог, но смета дека таа купува време, бидејќи, вели, очигледно не и се брза да ја изгуби контролата врз обвинителството.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ