Од 1-ви октомври по лек на рецепт со лична карта или пасош

За две недели отсега пациентите на лекар и во аптека – работа ќе можат да завршат ако понесат лична карта или пасош со себе, а лекови ќе има преку целиот месец, се пофалија од Фондот за здравствено осигурување. Дотогаш осигурениците ќе мораат на лекар да ги носат здравствените книшките коишто се уште не се заминати во историјата, за матичните и таму да го запишат рецептот којшто го препишуваат. За тоа деновиве јавно критикуваа и дел од младите лекари според кои нема потреба од враќање на хартиените документи.

„Од први октомври ќе започне укинувањето на квотите за лекови коишто се на позитивната листа и на товар на Фондот. Дотогаш рецептот ќе се запишува и во книшките. Тоа се уште е постоечки законски пропис, а не се враќаме во минатото.“, велат од Фондот за здравствено осигурување.

Иако од Фондот се правдаат, наидуваат на остри критики и кај дел од политичарите. Од Алијансата за Албанците во соопштение оценуваат дека со тоа што сега се случува – во втор план е ставен пациентот.

„Оваа апсурдна мерка и задава удар на медицинската дејност, оставајќи го во втор план пациентот и неговата болест бидејќи времето потребно за запишување на терапијата во книшката, здравствената картичка и регистарот е двојно поголемо од прегледот на пациентот.“, велат од Алијанса за Албанците

Од почетокот на следниот месец, пациентите нема да мораат лично да отидат до аптека за да го подигнат лекот. Тоа може да го направи друг член од семејството или сосед, во нивно име, информираа од Фондот на брифинг со новинарите, но не и пред камерите. Оттаму најавуваат дека во иднина ќе воведат и електронски рецепт наместо рачно напишан на хартија, а најавија и дека ќе се борат против употребата на фиктивни рецепти и ќе ја проверуваат веродостојноста.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ