
Џафери не се брза, ВМРО ДПМНЕ бараат итно разрешување на Катица Јанева
На Талат Џафери не му се брза со разрешувањето на Катица Јанева.
Најави седница најдоцна до недела, кога и` истекува мандатот на специјалната јавна обвинителка, за да им даде шанса на партиите да се договорат кој ќе ја наследи и што ќе се случува понатаму со СЈО и нивните предмети.
До сега чекал и на писмена согласност од сите партии за разрешувањето, за да се спречи, при евентуална жалба на Јанева, одлуката да биде оспорена.
За ВМРО ДПМНЕ, 15-ти септември е доцна. Бараат Јанева веднаш да се разреши за да може до овој датум да се избере нов специјален обвинител.
Од опозициската партија објаснуваат дека, има разлика во тоа дали специјалната обвинителка, која е осомничена за злоупотреба на службената должност и е во притвор за случајот „Рекет“, ќе биде разрешена или ќе се остави да ѝ заврши мандатот.
Ако биде разрешена, како што велат, тоа ќе биде со квалификации за несовесно, нестручно и назаконско извршување на функцијата, што може да биде и документ во евентуална судска постапка.
Во спротивно, како што велат, ќе се избегнат тие квалификации.
Тие и на вчерашната седница предложија разрешувањето да се стави на дневен ред, но мнозинството одби.
Велат дека нема никаква дилема дека ќе гласаат за разрешување на Јанева, но не тогаш кога тоа го бараат ВМРО ДПМНЕ, туку кога Џафери ќе ја стави точката на дневен ред.
За разрешување на Јанева е потребно двотретинско и Бадентерово мнозинство.
Доколку пратениците изгласаат таа да биде разрешена, предлогот ќе биде испратен до Советот на јавни обвинители, каде ќе биде донесена конечната одлука.
Далиборка Дамјанска Цветановска