Неделава ќе се врши трансфер и на предмети и на обвинители од СЈО

Државниот обвинител Љубомир Јовески пресече. Прислушкуваните разговори ќе ги користи било кој обвинител кој ќе превземе предмет од СЈО.

Очекува од утре да се договорат техничките детали за првземање и веднаш по тоа во зависност од предметите да се распределат кај обвинителствата кои би биле надлежни.

Државното обвинителство е подготвено да ги прифати и обвинителите од специјалното кои според сегашниот закон треба да се вратат во обвинителствата од каде што дошле.

По договарањето за техничките детали за преземање на предметите, согласно Законот ќе се распределат на  месно и стварно надлежните обвинителства.

По превземањето на предметите ќе се определи кој обвинител ќе постапува по конкретен предмет.

Тоа не ја исклучува можноста по предмети да постапуваат обвинители од СЈО. Нивниот статус по 15 септември треба да го реши Советот на јавни обвинители. Обвинителството и во натамошната постапка, како докази ќе ги користи прислушуваните разговори.

И претседателот на советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, во телефонски разговор за Телма потврдува дека преку неговата институција ќе се одвива трансферот на специјалните обвинители.

Но остава простор дека тие можеби и нема да се вратат во матичните обвинителства ако во меѓувреме се донесе новиот закон за Јавно обвинителство.

Смета дека спорно би било ако со законот се регулира каде ќе одат досегашните специјални обвинители, но дека ако се формира посебно одделение за гонење висока корупција тие би можеле да конкурираат бидејќи се квалификувани токму за тоа.

Инаку мандатот на специјалните обвинители според законот за СЈО истекува на 15 ти септември.

Од таму и денеска молчат и не кажуваат дали секој пооделно ќе ги предава предметите и истрагите кои ги застапува.

Тие веќе имаат полномошно од шефицата Катица Јанева, но за многумина правни експерти токму тоа беше спорно бидејќи доаѓа преку писмо од притвор. Сега дел од адвокатите на обвинетите најавуваат дека ќе ја оспорат и надлежноста на новите обвинители поради суштествена повреда на постапката но и користењето на прислушкуваните разговори како докази.

А распоредот на судења на сајтот на СЈО веќе е полн. За утре во 10 часот е најавено рочиште за Транспортер, додека во среда Титаник и Триста.    

Билјана Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ