Нема декласификација на предметот „Јанева“

Нема декласификација на Извештајот на Советот за обвинители со кој почнува постапката за разрешување на Катица Јанева. Советот одржа итна седница и го отфрли барањето на Собранието за симнување на назнаката „доверливо“.

  • Барањето на Собранието не може да се прифати бидејќи СЈО се уште води истражна постапка за предмет оформен против специјалната јавна обвинителка и од тие причини потребно е да се заштитат правата на лицата кои се наведени во извештајот или да се спречи недозволено влијание во оваа постапка, соопштија од Советот за јавни обвинители.

Барањето го упати претседателот на Собранието Талат Џафери, откако претседателот на Комисијата за избори и именувања Илија Димовски вчера изрази мислење дека извештајот треба да е достапен за јавноста и дека треба да се разгледува на отворена седница на Комисијата. Уверува дека одлуката ја носи Комисијата, а не Советот.

СДСМ го повика Димовски да не ја попречува истрагата.

Во Законот за СЈО, на кој се повикуваат двете партии, се вели дека „извештајот ќе биде достапен за јавноста преку собраниските комисии, освен ако некоја комисија најде за потребно да ги заштити правата на секое наведено лице или да спречи недозволено влијание во кое било кривично гонење“. Комисијата ќе одлучи утре, по што Собранието со двотретинско мнозинство треба да одлучува по предлогот за разрешување на Јанева. Придружен документ е и мислењето на, според законот четирите најголеми партии. Но спикерот Џафери  именува само три релевантни партии: ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ. Четвртата не може да се одреди бидејќи опозициските Алијанса и Социјалистичка партија имаат еднаков број пратеници – по тројца, додека повеќе партии имаат по двајца пратеници.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ