За членство во ЕУ треба повеќе време отколку за НАТО

Секогаш треба малку повеќе време да се стане членка на ЕУ, отколку на НАТО, тоа се различни процеси иако НАТО и ЕУ работата заедно и си се потребни едни на други. Вака Педро Серано заменик-генералниот секретар во отсекот со кој раководи високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини, одговори на укажувањето на Радмила Шекеринска, ЕУ да го искористи моментот на промените и да ја вклучи земјата во своите проецеси како што тоа го направи НАТО.

„Вие многу добро ја знаете позицијата на ЕУ за ова. Ние се обврзавме дека иднината на Балканот ќе биде во ЕУ. Тоа е патот по кој се движиме. Секогаш  трае малку подолго зачленувањето во ЕУ, отколку во НАТО, сме имале примери во минатото, но тоа е бидејќи ние сме многу различни организации. И она што е потребно за членство во ЕУ, со должна почит кон колегите од НАТО, е многу покомплексно“, изјави Педро Серано заменик-генералниот секретар на ЕЕАС.

Македонската министерка за одбрана го предизвика Серано на панелот за НАТО во рамки на Бледскиот стратегиски форум со укажување на брзата реакцијата на НАТО на промените во земјава.

„Навистина мислам дека е дојдено време за нас да кажеме дека покажавме многу брзо закрепнување, многу брз процес, но, исто така, дојде и времето ЕУ да покаже дека брзото закрепнување и брзиот напредок резултира со донесување брзи одлуки. Не беше брзо колку што очекувавме и се надевавме, но октомври може да биде можност и за нас и за Унијата“, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Сепак за неа добра вест е тоа што, откако НАТО испорача, изгледа дека членки на ЕУ се подготвени да ја следат таквата агенда и да ги наградат сигналите за напредок на Балканот.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ