
Не се знае точно кога СОНК и Владата месецов ќе расправаат за покачување на платите
Иако е најавено дека СОНК и Владата овој месец ќе седнат и ќе преговаат за покачување на платите, не се знае кога ќе започнат разговорите. Министерот за образование Адеми, денеска не одговори конкретно, кога ќе се сретнат со претставниците од СОНК, но очекува, како што рече, како партнери да имаат конструктивни состаноци во следниот период и дека владата има волја за зголемување на платите во образованието. СОНК вчера, на првиот школски ден, одржа предупредувачки протест поради незадоволството на вработените во образованието од одлуката на владата, да им ги покачи од овој месец платите до 5, а не до 25%, колку што бараат тие. Од СОНК очекуваат платите на наставниците и професорите да растат, според висината на покачената минималната плата на национално ниво , последниве години.
- Мислам дека на конструктивен начин ќе продолжиме во периодот што ни престои. Така што ќе ги разгледаме сите параметри на конструктивен начин, на рационален начин, ќе ги согледаме сите податоци, заеднички ќе одлучуваме за идното покачување на платите во секторот образование. Но, секако тоа треба да се разгледа и од страна на владата. Во владата има воља за покачување на платите, вели Адеми.