Јавното обвинителство може да ја обезбеди документацијата за Ѓавато доколку инволвираните министерства не соработуваат

Јавното обвинителство може да ја обезбеди документацијата за Ѓавато доколку вклучените министерства не соработуваат, а инспекторатот има индиции за незаконско работење. Од јавното обвинителство велат дека случајот мора да го пријави инспекторатот, а тие ќе реагираат соодветно.

Инаку, министерството за земјоделство тврди дека ја нема документацијата за Ѓавато. Велат дека целата документација за хидросистемот по изградбата останала во некогашното претпријатие Дојранско Езеро. Од министерството информираат дека севкупната надлежност над хидросистемот е во рамки на МЖСПП каде и се вработени бившите вработени на ЈП, и соодветно сета документација е кај нив.

Министерството одржало работна средба со Инспекторот за животна средина на крајот од август за овој и останати проблеми за водостопанството, на кој било укажано дека таква документација во МЗШВ не постои и  треба да се бара во МЖСПП.

Од Инспекторатот пак, велат дека документацијата мора да ја има во Управата за водостопанство при МЗШВ бидејќи тие го формирале јавното претпријатие Дојранско Езеро, но не знаат од кои причини никој не сака да им ја достави. Од друга страна, при инспекцискиот увид во Ѓавато раководителот Јован Попов не доставил никаква документација тврдејќи дека е земена од Богданци и однесена во Скопје.

Поради несоработката на институциите инспекцијата за хидросистемот е закочена, а досегашните наоди се дека најмалку седум години таму владее хаос и негрижа што се манифестираат со милиони денари загуба за државата секоја година.

Сузана Мицева

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ