Нема напредок во преговорите но, има надеж за договор за СЈО

Работните групи најверојатно во петок повторно ќе седнат на заедничка маса да ги испеглаат разликите за законот за Јавно обвинителство. Договор на вчерашната средба не се постигна. Власта инсистира судска разрешница да имаат сите предмети кои се отворени од СЈО по истекот на 18 месеци од мандатот, Вмро Дпмне не се согласува. Има разлики и околу статусот на обвинителите. Опозициската партија бара тие да се вратат онаму од каде што дошле. Министерката за правда Рената Тренеска Дескоска  за Телма вели дека нема да прифатат опозицијата да предлага шеф на новото обвинителство.

Нема посебен напредок. Ние имаме принципиелна позиција за деполитизација во обвинителството. Спорни се и постапките кои се отворени после првите 18 месеци како и статусот на јавните обвинители и вработени од СЈО, смета Рената Тренеска Дескоска, министерка за правда.

ВМРО ДПМНЕ се оптимисти дека Законот за јавно обвинителство ќе се донесе и дека планот Б повеќе не е во игра.

Ќе биде законот за ЈО – ќе ги прифатат сугестиите и барањата на ВМРО-ДПМНЕ, а бараме само модерен и современ закон, онаков како што функционира во цивилизираниот свет.
Едноставно е, ќе мора да се откажат од унапредувањето на Катица Јанева кое го бараа, да се откажат од префрлање на кадарот на урнисаното и мртво СЈО во новиот оддел на ЈО и ќе мора да поддржат независен обвинителен систем. Ако “соберат сила” тоа да го прифатат, ќе има нов Закон за ЈО, вели Игор Јанушев, Генерален секретар на партијата.

Роковите за договор се намалуваат. Преговорите траат неколку месеци, а за спорните точки ниту една страна не отстапува. Блокирана е и работата на собраниските комисии . Партиите не се усогласени за поднесените амандмани. Законот треба да се донесе најдоцна до 15 септември.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ