Брегзит политички игри

Нови комплиакции околу Брегзитот. Британскиот премиер одлучи да удри по демократијата, да го заобиколи парламентот и да го спроведе Брегзитот без договор. Борис Џонсон ќе бара од Кралицата да ја суспендира работата на паралметнот, само на две недели пред рокот за Брегзит, на 31-ви октомври. Џонсон смета дека земјата мора да оди напред, а не да го чека крајниот рок.

  • Нема да чекаме до 31-ви октомври за да ги спроведеме нашите планови што ќе ја одведат напред државата. Ова е нова вада со многу возбудлива агенда за улиците да ни се побезбедни, со цел да се намали насилниот криминал..И затоа говорот за кралицата ќе го одржиме на 14-ти октомври. Мораме да одиме напред со новата законодавна програма, изјави Џонсон.

Идејата да се суспендира парламентот, познато како пророгација, значи дека пратениците сега нема да имаат време да го спречат Џонсон да го спроведе Брегзит без договор. А уште помалку, нема да може да се донесе никаква легислатива која вчера ја договорија сите опозициски партии. Нема дебати, гласање, а многу закони кои не се довршени низ собраниската процедура замираат.

Џонсон е обвинет дека за оваа недемократска одлука е мотивиран од неговата силна желба да го спроведе Брегзит без договор, како и тоа дека им го скратува времето на пратениците за дебата, и можно гласање за Брегзит со договор. 

  • Па, тоа не е вистина. Ако погледнете што правиме, ние носиме нова законодавна програма…Ќе има многу време за двете страни на тој клучен самит 17-ти октомври, многу време во параментот за пратениците да дебатираат, ЕУ дебата, Брегзит, и сите други прашања, доволно време, рече премиерот.

За опозицијата, потегот на Џонсон е скандал и убиство за демократијата.

  • Ова е голем доказ, ако на некој му требаше, да види зошто Борис Џонсон го викаат голем шарлатан. Кажување лаги, измислици, се е тоа многу природно за него. Она што се обидува да стори е без никаков мандат, ова е многу важно – овој човек нема мандат да не изнесе од ЕУ без договор, вели независната пратеничка Ана Соубри.

Се чини дека за оваа одлука на премиерот, во владата знаеле само неколку министри, но голем дел од Ториевците останаа зачудени. Пратениците се враќаат од летниот одмор во вторник, но ако парламентот се суспендира на 10 септември, тогаш опозицијата ќе има само една недела за да го спречат Џонсон да го спорведе својот план.

  • Она што не го сакаме е Борис Џонсон да ги искористи парламентарните избори како оправдување за излез без договор. Се наоѓаме на климава територија. Но опозицијата е многу обединета и ќе сториме се за да продолжиме заедно, истакна пратеничката од Националната партија на Шкотска, Џоана Шери.

Аналитичарите сега предвидуваат и раскол во владата, по што Џонсон би побарал и предвремени избори. Неговиот потег е ризичен, но и мудар, бидејќи го користи временскиот притисок за да ја оствари својата намера. Ако му успее, многумина ќе кажат дека направил брилијантен политички театар, а ако не – ќе си замине од премиерската функција. Технички, Кралицата би можела и да го одбие неговото барање, но тоа е малку веројатно.

Алиса Шутиноска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ