Вести Пендаровски: Рекет не е пречка за ЕУ, но може да стане
Аферата „Рекет“ не е пречка за добивање датум за преговори со ЕУ, но може да стане доколку институциите не покажат потенцијал да се справат со неа. Ваквиот, речиси идентичен став, шефот на државата Стево Пендаровски и министерот Никола Димитров им го соопштија на членовите на Амбасадорскиот совет.
Димитров сподели порака што му била упатена од европските земји: „Корупција има секаде, важно е како ќе се справите со неа“. Затоа апелира обвинителството да води непристрасна и темелна истрага, без оглед на тоа до која позиција во државата ќе стигне.
Втората важна работа, вели Димитров, што може да биде од голема помош за добивање датум во октомври, е јасна политичка волја за гонење висока корупција, односно донесување на нов Закон за обвинителство.
И евроамбасадорот Самуел Жбогар го повика судството да се справи со сите случаи на криминал и корупција и да ја врати довербата кај граѓаните. Случајот „Рекет“ го спореди со риалити шоу, во кое некои домашни и странски медиуми го играат „големиот брат“, обидувајќи се да му ја земаат улогата на судството.
- Мислам дека судството сфаќа дека можеби ја има последната шанса повторно да ја изгради довербата кај граѓаните со независна, целосна и брза истрага и со процесуирање на случајот „Рекет“, како и на сите други случаи на СЈО. Судството треба да најде сила да му даде отпор на притисокот, независно од каде тој доаѓа. Во тоа има целосна поддршка од наша страна, рече евроамбасадорот.
Жбогар потсетува дека Европската унија се базира на почитување на законите и дека секој од елементит во триаголникот граѓани-држава-судство, мора да ја знае и точно да ја игра својата улога.
Соња Николовска



