
Ангеловска: Фискална транспарентност и домаќинското работење со парите на граѓаните
Нина Ангеловска, една од основачите на „Групер.мк“, која е предложена за нов министер за финансии, синоќа по објавувањето на одлуката, се огласи на својот Фејсбук профил.
Ангеловска пишува дека е подготвена да се вложи во прогресивни фискални политики и да го даде својот максимум во унапредувањето на фискалната транспаретност и домаќинско раководење со парите на граѓаните.
– По речиси 10 години домашно и интернационално искуство и значителна меѓународна препознаеност на мојата напорна работа и придонес, чест ми е што моето знаење, потенцијал и ентузијазам за промени, се препознаени да бидат ставени во функција на прогресот на нашата држава. А честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска. Понудата ја гледам како шанса, да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина, истакнува Ангеловска.
Таа нагласува дека е подготвена целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство, да ги вложи во вршењето на оваа, како што вели, исклучително одговорна фукнција.Ангеловска е еден од основачите на Групер.мк, добитник на наградата Форбс 30 и доктор на науки на УКИМ.
Премиерот Зоран Заев денеска се очекува да ги достави до Собранието предлозите за испразнетите министерски места во Владата.
Засега, не се знае кога ќе се одржи пленарната седница на која би се избрале новите министри и заменици-министри.