
Јанева на погреб, истрагата продолжува, правниците во недоумица
Специјалната обвинителка утрово била однесена во Гевгелија на погреб на својата мајка со дозвола од судот. Поради строгите притворски правила немала многу контакт со присутните роднини и било дозволено да биде во капелата, а потоа во полициска придружба е вратена во затворот во Шутка. Сместена е во келија во женскиот оддел на првиот кат во затворската зграда. Таму се наоѓа од синоќа откако судот и определи 30 дена притвор по барање на обвинителството за организиран криминал и корупција. Доказите одземени во претресите се обработуваат и вештачат. Досега се сослушани и повеќе бизнисмени спомнати во аферата.
Она што за правниците е чудно е текот на истрагата, каде Јанева еден ден беше викната на распит како лице што може да помогне, па пуштена дома, па наредниот ден уапсена. Можно е да има вмешани и други лица, и потребно е да не застане истрагата, велат тие.
Адвокат на Јанева е Стеван Павлески, беше со неа и на распитот, но и при апсењето. До вечер ќе ја предаде жалбата со која ќе бара пуштање од затворски притвор. До утре вели ќе ја среди и работата со застапување на клиентите од случајот Империја и други случаи на СЈО, бидејќи Рускоска оцени дека конфликт на интереси е ако ја застапува и Јанева и гонетите од неа. Од обвинителството тврдат дека на истрагата за рекетот работат тековно без да посочат кои ќе бидат сведоци и ќе има ли нови осомничени.
Миомир Серафиновиќ