
Видео: Последниот ден од ерата на Јанева во СЈО
Дојде како надеж за да го води СЈО во борба против криминалот, а замина, беше однесена од задната врата преку гаража од зградата на обвинителството. Иако имаше обид тоа да се прикрие со спуштање на вратата, упасената Јанева се виде во полициска придружба.
Во 15:03 часот на 21-ви август заврши ерата на Катица Јанева во СЈО. Испратена со критики и извици.
Покрај тоа што е приведена, Јанева утрово дознала и дека нејзината мајка во Гевгелија починала. Но наместо да замине на југ, таа остана во домот во Козле, каде околу 13 часот стигнаа полицајци со наредба со приведување и обвинителско барање да и се определи притвор.
Телма: Со оглед на смртниот случај во семејството дали ќе останете на барањето за притвор?
Обв. Вилма Русковска: Да.
Јанева веќе беше приведена и во полициска придружба изнесена од својот дом во скопско Козле. Пред куќата останаа истражители и полицајци, улицата затворена, но низ неа помина адвокатот Стеван Павлески, кој и вчера со неа беше на распит во обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Претресот требаше да почне кога Јанева ќе биде вратена. А таа беше однесена во канцеларијата во СЈО. Полицајци го опколија специјалното обвинителство,а внатре таа беше изолирана во својот кабинет на кат. Немала допир со никој од вработените службеници и обвинителите. Немало наредба за претрес.
-Нема наредба за претрес туку ќе биде одземен службениот компјутер на Јанева, изјави Вилма Русковска, раководител на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Откако компјутерот беше одземен, полицајците го спакуваа доказот и заедно со осомничената Јанева заминаа повторно во куќата во Козле.
Пред куќата се паркираше камион со регистрации на МВР, внатре беше натоварен мебелот преку кој истрагата ја поврза Јанева со Бојан Јовановски Боки 13-ка и Зоран Милески викан Кичеец и парите земени од Орце Камчев.
Околу 17 часот Јанева во истата полициска придружба беше изнесена од својот дом. Неколкумина новинари се стрчаа кон сеатот на кој беа спуштени стаклата и викаа за да изгледа дека и поставуваат прашања на веќе поранешната специјална обвинителка.
Колата со неа потоа замина кон кривичниот суд.
Миомир Серафиновиќ