
Министерството за животна средина ќе го предаде Ѓавато на АД Водостопанство
Министерството за животна средина ќе го предаде Ѓавато на АД Водостопанство, но не кажува дали ќе се бара одговорност за повеќегодишното незаконско и недомаќинско работење на системот. Од министерството за Телма информираат дека се превземени активности за предавање на хидросистемот, со цел поефективно и поекономично одржување и управување. Во дописот до телевизијата, министерството вели дека ќе ги превземе и сите правни дејствија согласно законските прописи и за нив ќе ја информира Владата.
По обелоденувањето на скандалозното работење на хидросистемот Ѓавато, и сведоштвото на вработените дека во системот е хаос, не се знае бројот на диви приклучоци кои користат вода а не плаќаат, за сметка на милионските сметки за струја што и се испорачуваат на државата, Државниот инспекторат за животна средина направи вонреден инспекциски надзор и според извештајот ќе се известат надлежните институции кои би требало да постапуваат со случајот, вклучувајќи ги УЈП, пазарниот инспекторат и јавното обвинителство.
За вработените кои со години не доаѓале на работа, од министерството велат дека во хидросистемот се води редовна евиденција за редовност и се доставува до нив, но вработените го тврдат спротивното.
Раководителот на Ѓавато, Јован Попов за целиот случај не сака воопшто да коментира. Вели дека нема дозвола да зборува од министерството. Тој призна дека знае дека на системот има голем број приклучени задруги и физички лица кои наводнуваат стотина хектари земјоделска површина, и лично ја поведе инспекциската екипа да ги види дел од приклучоците. Само не кажа дали затоа ги информирал надлежните и што е преземено да се спречи злоупотребата на државните ресурси.
Сузана Мицева