Пациентот со западнонилска треска се уште е приклучен на апарати – новозаболени нема, смируваат докторите

Единствениот пациент во земјава кој во моментов е заразен со вирусот на западнонилска треска се уште е во тешка здравствена состојба, потврдија од Инфективна. Приклучен е на апарати на интензивна нега и таму е речиси две недели, затоа што вирусот му го зафатил мозокот. Тој не патувал никаде во странство и бил каснат од комарец во земјава. Нема други пациенти заразени со болеста, смирија докторите.

„Пациентот е во една тешка здравствена состојба. Опоравувањето може да трае многу долго време така што не очекувајте драматични промени на дневна основа. Кај нас нема други сомнителни пациенти ниту пак пациенти за коишто чекаме да потврдиме некаква дијагноза“ кажа д-р. Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за Инфективни болести.

Единствената превентивна заштита од вирусот се само препаратите против комарци. Нема друг начин како луѓето да се заштитат од западнонилската треска. Симптомите кај оние коишто се заразиле не се многу поразлични од симптомите на други болести или настинки. Кај некои од луѓето не се ни јавуваат истите.

„Во принцип, овој вирус кај најголем дел од пациентите не дава никакви знаци на болест. Кај еден извесен број се јавуваат знаци на настинка со покачена температура, со болки во мускулите и зглобовите, некогаш и повраќање, некогаш и проливи. Исклучително ретко дава ваква тешка клиничка слика со зафаќање на мозокот како енцефалит или менингоенцефалит“ кажа д-р. Милена Стевановиќ, директорка на Клиниката за Инфективни болести.

Пациентот којшто на Инфективна има 66 години и веќе имал други болести како дијабетис и нерегулиран крвен притисок, што придонело за уште потешка клиничка слика.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ