
Милевски Кичеец во обвинителство на распит за кешот од рекетот
Зоран Милески викан Кичеец е во обвинителството за гонење на организиран криминал каде му се врши распит за случајот со рекетот во кој Кичеец е второосомничен.
Кичеец претпладне е однесен од затворот Шутка откако во петокот обвинителството испратило покана за негов распит. Досега не е упатена покана за распит на првоосомничениот Бојан Јовановски Боки 13.
Милески на снимката од камерите во домот на Орце Камчев кои се дел од доказите во случајот со рекетот (објавени од италијанска Ла верита) ја носи торбата Луј Витон во која на друга снимка се гледаат наредени милион евра во апоени од 50,100,200 и 500 евра. Досега не е откриена трага од кешот. Примопредавањето на еврата било на 20ти февруари.
Утре покана за распит има специјалната обвинителка Катица Јанева.
Во обвинителството утрово исказ дала и Лилјана Тодоровска, пензионерката која за 720 илјади евра продала идеја за центри за возрасни лица, а во изјава за Телма тврдеше дека парите и се земени од жена од Меѓународниот сојуз Скопје чиј претседател е Јовановски – Боки 13.
Миомир Серафиновиќ